Новоизбраниот лидер на Унгарија, Петер Маѓар, на речиси тричасовна прес-конференција најави сериозни промени во медиумскиот и политичкиот систем, вклучително и укинување на информативната програма на државната телевизија и воведување ограничување од два мандата за премиер.
Маѓар изјави дека преземањето на власта може да потрае до два месеца, но дека приоритет ќе биде прекинување на, како што рече, „пропагандата финансирана од буџетот“ и воспоставување независен надзор врз јавните медиуми.
Во делот за надворешната политика, најави посети на Полска, Виена и Брисел, со фокус на зајакнување на односите и деблокирање на средствата од Европската Унија.
За односите со Русија, рече дека ќе води прагматична политика, но ќе ги преиспита постојните договори. „Ако Путин се јави, ќе се јавам, но ќе му порачам да ја заврши војната“, изјави Маѓар.
Тој предложи уставни измени со кои премиерската функција би се ограничила на два мандата, мерка која, според неговите најави, би важела и ретроактивно.
Маѓар изнесе и обвинувања дека постојат тајни владини документи и обврски за кои јавноста не е информирана, како и дека во Министерството за надворешни работи наводно се уништуваат документи поврзани со санкциите кон Русија.
Меѓу најавените мерки се и нов буџет, намалување на даноци, зголемување на пензии и ревизија на големи инфраструктурни проекти.
„Граѓаните гласаа за промена на системот, не само на власта“, порача Маѓар, најавувајќи поголема транспарентност, отворање на досиејата и иницијативи за национално помирување.
