Мајката на Коста Кецмановиќ, момчето кое уби девет ученици и обезбедувач во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, завчера дала изјава во полиција. Таа детално зборуваше за детството на нејзиниот син, за неговиот однос со врсниците и семејството, за здравјето на момчето… Зборуваше и за деновите пред страшниот чин, како и за самото утро пред момчето да изврши масовно убиство.
За потсетување, обвинителството и полицијата утврдуваат дали М.К го запоставила или го злоставувала синот и во тој случај би можела да добие затворска казна до три години.
Блиц пишува дека мајката го опишала Коста како болежлив и паметен, а немала индикации дека тој може да направи вакво нешто. Во продолжение на истрагата, обвинителството ќе се обиде да открие дали е тоа вистина.
Пет дена пред масовното убиство момчето со пријател и мајка му биле надвор од градот на 1 мај, а потоа се вратиле во Белград.
Мајката рече дека момчето се вратило во Белград со пријателот и неговата мајка, додека таа, нејзиниот сопруг и ќерката биле во друго возило. Коста, вели таа, дошол дома еден час пред нив, а кога дошле тој се туширал. Мајката тврди дека не забележала промени во неговото однесување, вели соговорникот на Блиц и додава дека следниот ден момчето и неговата сестра биле на гости кај нивните баба и дедо.
-Мајката се сеќава дека момчето во еден момент отишло во продавница да купи намирници, но и тој ден не видела ништо чудно во неговото однесување. Наводно со родителите разговарал за филмот што го гледале и за други теми кои го интересираат, додава изворот на Блиц.
На денот на масовното убиство, 3 мај, мајката им направила појадок на децата и ги разбудила, а ниту тогаш не забележала ништо чудно кај момчето, освен што тој бил малку бавен кога појадувал и се подготвувал за училиште.
-Момчето наводно и рекол на мајка си да не се грижи, бидејќи учителката знае да доцни. Мајката тврди дека потоа отишла да ја однесе ќерка си на училиште, додека момчето останало дома и самото се подготвувало, додава изворот на Блиц.
Само еден час подоцна се случило пукањето во училиштето. Мајката тогаш помислила дека нејзиниот син е повреден и отишла во училиштето каде дознала дека тој пукал.
-Мајката вели дека била вознемирена, дека сè уште и е тешко да поверува дека нејзиниот син го направил ова и инсистира на тоа дека нема ништо што укажувало на тоа. Таа истакна дека и самата плаче за објаснување и одговори.
Говорејќи за воспитувањето на Коста, неговата мајка го опиша како дете со широки интереси. Не беше импулсивен или енергичен, бил љубопитен и сакал прегратки. Последните години незадоволството го покажувал со плачење, а бил поблизок со мајка си отколку со татко му. За децата од раѓање се грижела дадилка која никогаш не се жалела на него.
Одредени промени настанале кога момчето влегло во пубертет, но мајката тоа не го сметала за драматично. На почетокот на годината почнал да се изолира во својата соба. Не ја заклучувал вратата, но барал сестра му да ја напушти собата. Почнал да се заклучува во бањата, а доаѓало до расправии поради неуредна просторија или неизвршување на училишните задачи.
-Мајката рече дека го казнувала момчето со тоа што му забранувала да користи телефон и компјутер. Таа исто така посочи дека не го тепала, освен, можеби, еднаш кога бил помал. Таа истакна дека момчето долго време не го вклучило компјутерот со кој играл игри со другарите за време на корона вирусот. Во исто време, тој еднаш се пожалил на мајка си дека поради расправија бил исфрлен од врсничката група во која играле заедно. На мобилниот телефон ги користел апликациите Инстаграм, Снепчет, Јутјуб и Тик-ток, а мајка му претходно го проверувала телефонот, вели извор на Блиц запознаен со случајот.
Во второто полугодие добивал полоши оценки на училиште и бил помалку заинтересиран, но тогаш и рекол на мајка си дека се е под контрола. Никој во училиштето не ѝ го привлекол вниманието на фактот дека момчето можеби се однесува чудно, освен тоа што има специфични интереси во споредба со другите деца.
Таа раскажа за инцидент што се случил во шесто одделение, кога некои другари не го поканиле на роденден. Тогаш класнатараководителка на мајката ѝ кажал дека мислел дека другите деца му љубоморат на момчето затоа што е подобар ученик.
-Рече дека нејзиниот син се жалел дека децата го задеваат, бидејќи многу чита и не знае добро да игра фудбал. Во тој период момчето барало да ја смени смената кога ќе почнел во седмо одделение, бидејќи околината не му одговарала. Тоа го направиле, како што рекла, а мајката тврди дека во текот на летото момчето почнало интензивно да се дружи со другите деца и било позадоволно од порано. Тој дури напишал и состав за неговата храброст да ја промени средината.
По јазичниот камп во Франција се дружел со девојчињата, а класната ѝ испратил порака во која и честитала и порачала дека нејзините деца се извонредни.
Таа се осврна и на тоа дека татко му го носел на стрелиште и го научил да пука. Мислел, вели мајка му, дека треба да се запознае со опасностите од оружјето бидејќи и самиот имал негативно искуство во младоста.
-Мајката тврди дека не се согласувала момчето да оди на стрелиште, но дека не се сомневала во размислувањето на нејзиниот сопруг, како татко, и во неговите добри намери. Таа додаде дека нејзиниот сопруг сакал да му укаже на Коста на опасноста од оружјето, а притоа да му покаже како функционира, токму од причина оружјето да не му биде предизвик, рекла мајката и додала дека слушнала дека во стрелиштето биле и други деца.
Таа на почетокот и на крајот на сведочењето во полиција изјави дека е уништена од болка поради убиените деца и обезбедувачот, а верувала дека истото го чувствува и таткото на момчето и им изрази сочувство на семејствата на тие убиени.