Исклучување на јавноста и судење зад затворени врати на случајот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, побарала мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, пренесе Скопје1.
Ова во судница го посочи обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска. Според неа, мајката на Вања сакала да го заштити нејзиниот приватен живот, но и животот на втората ќерка, а притоа, и здравјето оти медиумските известувања за овој случај и влијаеле.
„Пред да одржам воведен говор, сакам да истакнам предлог за исклучување на јавноста од целата главна расправа бидејќи исклучувањето на јавноста е потребно за заштита на приватниот живот на оштетената Зорица Ѓорчевска, мајка на починатото дете Вања Ѓорчевска, кое како дете жртва на кривично дело има права кои треба да се почитуваат“, рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифоска.
Според неа, мајката Ѓорчевска сакала јавност да нема додека се суди и се обелоденува како се случило убиството на нејзината ќерка Вања Ѓорчевска.
„Имено од страна на полномошникот на Зорица Ѓорчевска и Мина Ѓорчевска, сестра на Вања, поднесено е барање до Обвинителството за поднесување на предлог за исклучување на јавноста од целата главна расправа имајќи ги во предвид сериозните последици од интензивното медиумско известување од настанот врз починатото дете Вања Ѓорчевска, заради заштита на приватиот живот на Зорица и Мина Ѓорчевски, кое медиумско известување придонесло кон продлабочување на болката и стравот кај оштетената Зорица како и кај Мина а сериозно влијаело и врз нивната целовкупна здравствена состојба. Трпеле пост-трауматско растројство, за што доставувам извештај од специјалист по психијатрија и препорака од психотерапевт“, рече Жаклина Крстевска-Јосифовска.