Мицкоски на „Македонија 2025“: Се соочивме со предизвици, но економијата има потенцијал
Премиерот Христијан Мицкоски денеска говореше на првиот панел од Самитот „Македонија 2025“, каде ја претстави својата економска визија и лидерскиот пат низ тешки предизвици со кои се соочила државата.
(ВИДЕО) Мицкоски од Самитот „Македонија 2025“: ЕУ останува наша цел, но треба да победуваме и во Вашингтон и Брисел
На панелот со наслов „Надвор од политиката: Економската визија и лидерското патување на премиерот Христијан Мицкоски“, тој потенцираше дека македонската економија, и покрај глобалните и домашни кризи, поседува голем потенцијал за раст и развој.
– Се соочивме со големи предизвици, но верувам дека преку работа, визија и решителност можеме да изградиме економија која ќе биде конкурентна и иновативна – рече Мицкоски, посочувајќи дека фокусот на Владата ќе биде поддршката за домашните компании, младите и технолошкиот напредок.
Ребрендирање на Македонија2025 и нови активности за младите и бизнисите
Самитот го отвори Виктор Мизо, претседавач на Бордот на директори на Македонија2025. Тој најави ребрендирање на организацијата.
Има уште многу работа за Македонија да просперира, рече Мизо, потенцирајќи ја добрата соработка со Владата како клучен елемент за напредокот на економијата.
Во рамки на Самитот ќе се одржат пет лидерски средби, два настани за вмрежување и осум обуки и работилници наменети за компании, млади таленти и владини институции. Настаните ќе траат до 15 мај, а на нив ќе учествуваат говорниците од Самитот и членовите на Одборот на директори на Македонија2025. Целта е да се поттикне знаењето, размената на искуства и иновациите како двигатели на македонската економија.