Македонија, Албанија и Србија остануваат посветени на својот европски пат и на регионалната соработка, свесни дека како дел од Европа, Унијата им е потребна ним, исто толку колку што и тие и се потребни на ЕУ. Ваква порака вчера упатија премиерот Зоран Заев, неговиот албански колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ по нивната трилатерална работна средба одржана преку интернет конференциска врска.
– Денеска се состанавме за да разговараме за натамошните чекори за нашата регионална соработка како витален пат напред за нашите земји, за Западен Балкан, за Европа и европскиот пат како целина. Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што и се тие потребни на ЕУ, порачаа тројцата лидери.
Според нив, постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со одржувањето на првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија, оди против европската волја на трите земји и против интересите на самата ЕУ.
Заев, Рама и Вучиќ нагласуваат дека само со заедничко работење и поттикнување на регионална соработка во рамките на разни регионални иницијативи трите земји можат да им донесат опипливи резултати на своите граѓани.
– Затоа, решивме денес да побараме од Европската Унија и од САД, да преземат чекор заедно со нас и со нашите колеги од целиот регион. Нашата цел е да развиеме инвестициони, краткорочни проекти за подобрување на нашата животна средина и за многу поголем употреба на обновливи извори на енергија. Ова би било дел од спроведувањето на Економскиот и инвестициски план на ЕУ и на Зелената агенда за Западен Балкан. Нашите земји имаат огромен потенцијал за одржлив раст и развој во овој сектор. Ќе побараме практична поддршка во откривањето кои проекти можат, во поголем обем, да го направат нашиот регион извор на обновлива енергија за нашите граѓани и за зелената енергетска иднина на ЕУ. Се надеваме дека ќе можеме да го објавиме напредокот на конкретни проекти до Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи оваа есен, истакнуваат тројцата лидери изјавата, додавајќи дека во овој контекст ќе дадат целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули.
Соговорниците се согласија да се сретнат во Скопје на 29 јули за да го разгледаат напредокот во спроведувањето на постојните иницијативи и проекти и да потпишат дополнителни договори меѓу трите земји во врска со спроведувањето на обврските од Берлинскиот процес, како и соработка и помош во случај на природни катастрофи олеснување за трговијата, извозот и увозот.
Во исто време, претседателите на парламентите од земјите на Западен Балкан заедно со претседателите на Европскиот парламент и парламентите на Португалија и Словенија, потпишаа заедничка декларација во која го повикуваат Советот на ЕУ да ги исполни своите ветувања и итно да преземе одлучни активности за забрзување на процесот на проширување.
– Нагласуваме дека Европска перспектива и процесот на пристапување во ЕУ заснован на заслуги на Западен Балкан остануваат на сопствениот политички, надзорен и економски интерес на ЕУ, потсетуваме дека проширувањето останува повеќе од кога било геостратешка инвестиција во стабилна, силна и обединета Европа, се потенцира во декларацијата.
По Политичкото собрание на Европската народна партија во Брисел, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека на средбите со претставниците со сестринските европски партии ја пренеле разочараноста на македонските граѓани затоа што „15 години сме во чекалницата, иако имаме направено можеби изминативе 15 години суштински реформи кои се многу понапредни од некои земји членки на ЕУ“.
– Македонија многу пати во минатото застанала во одбрана на интересите на европскиот континент и на самата ЕУ кога беше и последниот бран со емигрантите што се случуваше на нашата јужна граница. Македонските граѓани споделуваат европски вредности исти онакви какви што споделуваат и граѓаните на земји членки на ЕУ и тие заслужуваат и после сето она што го направија и после сите неправди кои се нанесоа на македонскиот народ да почнат преговори со ЕУ, порача Мицкоски од Брисел.