Без механизам за заштита, Владата не поддржува уставни измени

Македонија нема да прифати уставни измени без гаранции дека нема да следуваат нови билатерални условувања. Единствено прифатливо решение за Владата е одложена примена на уставните измени, како механизам за заштита од идни блокади, брифираат извори од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР).

Според дипломатските извори, клучниот проблем е непредвидливоста на процесот, бидејќи нема цврсти уверувања дека по усвојувањето на измените нема да се отвори нов циклус на билатерални барања.

Ако уставните измени се усвојат, а неколку месеци подоцна повторно бидеме блокирани со нови услови, штетата ќе биде огромна и за нас и за кредибилитетот на ЕУ“, велат од МНР.

Европската Унија изненадена што Македонија воопшто го прифатила францускиот предлог

Дипломатски извори потсетуваат дека уште во 2022 година, кога беше предложено внесувањето на Бугарите во Уставот, претставници на ЕУ и земјите-членки не очекувале дека тогашната влада ќе го прифати ова решение.

Високи претставници на ЕУ тогаш пренеле дека Македонија нема капацитет да го испорача ова решение. Но, тогашниот министер за надворешни работи и вицепремиерот (кои сега е во бегство) ги убедувале дека постои јасен план за двотретинско мнозинство во Собранието“, наведуваат од МНР.

Бугарија јасно стави до знаење дека уставните измени не се крај на условувањата

Изворите од МНР потсетуваат дека во официјалното соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи по средбата на министрите Тимчо Муцунски и Георг Георгиев, Софија јасно навела дека уставните измени се само почетен чекор за отворање на преговорите.

Тоа значи дека, дури и по нивно усвојување, постои ризик од нови билатерални барања.

Ова е причината поради која македонската дипломатија инсистира на механизам што ќе гарантира дека процесот нема повторно да биде блокиран“, нагласуваат од МНР.

Владата работи на дипломатско решение – се очекуваат нови разговори во Софија

Изворите посочуваат дека Владата останува посветена на дијалогот, но нема да прифати промени во Уставот без јасна и правно обврзувачка предвидливост. Во таа насока, се разгледува нова средба меѓу Муцунски и Георгиев во Софија, како дел од меѓународна конференција.

Во однос на гласањето за уставните измени, извори од МНР истакнуваат дека Владата ќе поддржи ваков процес само доколку добие гаранции дека ова е последното билатерално прашање што се поставува на Македонија.

Во контекст на поддршката од САД, извори од МНР велат дека Вашингтон има стратешки интерес Македонија да напредува кон ЕУ.

И покрај геополитичките предизвици, американската поддршка за европскиот пат на Македонија останува непроменета“, коментираат од МНР.