Зголемен интерес, рекордни површини и историски високи цени го поттикнуваат тутунопроизводството
Македонските тутунопроизводители оваа година склучија околу 30.000 договори. Со проектиран принос од 27 милиони килограми тутун, што е значителен раст во однос на лани. Површините планирани за садење достигнуваат 14.000 хектари, што претставува раст од 8%.
Причини за растот: финансиска исплатливост и задоволство на производителите
„Тутунот се плаќа со највисока цена досега, и токму тоа ги мотивираше земјоделците да ја зголемат својата активност,“ изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Мицкоски: Постигнавме историски највисока цена на откупен тутун по килограм од 400 денари
Поради високата цена, но и поради зголеменото глобално побарување за ароматичен тутун, производителите повторно ја гледаат индустријата како профитабилна.
Македонија веднаш зад Турција по производство на ароматичен тутун
Македонија е втора во светот, веднаш зад Турција, по количина на произведен ароматичен тутун – еден од најбараните на светската берза. Светските годишни потреби се 120-130 милиони килограми, но се произведуваат само околу 100 милиони, што остава недостиг од 20-30 милиони килограми.
Приближување до ЕУ преку УНИТАБ
Македонија, иако не е членка на Европската Унија, наскоро се очекува да стане полноправна членка на европската асоцијација УНИТАБ, која ги штити интересите на тутунопроизводителите. Финалната одлука ќе се донесе на состанокот во октомври во Неапол, Италија.
Дали ќе има корекција на цените ќе се знае до краајот на годината
И покрај растот на побарувачката и производството, производителите сè уште се незадоволни од цената. За прва класа тутун бараа 510 денари, но им беа понудени само 420 денари од страна на откупувачите. Дали ќе дојде до корекција преку анекси на договорите, ќе се знае до крајот на годината.
Извор: Сител