Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на официјалната посета на УНЕСКО, се обрати на маргините на 42-та Генерална конференција на Организацијата, што се одржува во седиштето на УНЕСКО во Париз.
Премиерот Ковачевски е прв премиер од Република Македонија што се обрати во УНЕСКО, по 30-годишното членство на нашата држава во Организацијата на ОН за образование, наука и култура.
Во продолжение е текстот од интегралното обраќање на премиерот Ковачевски.
Огромна е честа да бидам првиот Премиер од Република Македонија кој се обраќа од оваа говорница. Задоволството е дотолку поголемо, што ова обраќање се случува во годината кога, како независна и самостојна држава, одбележуваме и триесет години членство во УНЕСКО.
Овие два исклучителни важни моменти за нашата современа историја ме обврзуваат ова прво премиерско обраќање да го направам на мојот мајчин, македонски јазик.
Со тоа, сакам да му се заблагодарам на УНЕСКО за поддршката на многубројни проекти, активности и ресурси важни за нашето мултикултурно општество, за нашето природно и културно наследство, за македонскиот јазик и за другите јазици кои што се зборуваат во Македонија. Затоа што мојата земја е „срцето на балканскиот јазичен контакт“, како што забележа светски познатиот лингвист, проф. Виктор Фридман.
Воедно, би сакал да истакнам дека нашата соработка со УНЕСКО датира од 1979-та и 1980-та година, кога нашиот бисер, Охридскиот регион, влезе под закрилата на УНЕСКО. И, денес со гордост го вбројуваме меѓу едно од вкупно 39-те културни и природни наследства во светот.
Ова за нас значи континуитет, богатство, но и обврска да го чуваме. Ниту еден друг интерес не смее да е поголем од заложбата да се сочува и заштити ова, и наше, и светско, природно и културно добро. Тоа им го должиме на предците и на идните генерации.
Охридскиот регион е магичен сплет на природа, историја, религија, уметност и писменост. Во него ќе најдете преку 2500 квадратни метри фрески на византиската уметност во која учествувале и локални македонски мајстори; над 800 скапоцени икони создавани меѓу 11-от и 14-от век; антички мозаици, османлиски џамии; колекции на старословенски, византиски и османлиски ракописи, и што многу работи! И сето тоа расположено околу едно од најстарите и најубави езера во Европа, кое во себе крие голем број ендемски и ретки слатководни видови флора и фауна.
Оттука, наш императив е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО. И, заедно со Република Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова, и заедничко, и универзално добро.
На 45-та сесија која се одржа во септември, Комитетот на УНЕСКО за светско наследство го разгледа Извештајот за состојбата со заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и донесе Одлука со која Комитетот ги уважи нашите заеднички напори, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство.
Беа поздравени напорите кои двете земји ги прават во насока на намалување на факторите кои негативно влијаат на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион.
Од нашата натамошна засилена соработка ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на Регионот. Темелите за неутрализирање на утврдените и потенцијалните закани се поставени, но потребите за заштита на ова добро бараат голема мобилизација за истото да ја зачува својата исклучителна универзална вредност, како и имплементација на итни мерки кои ќе ги зближат сите засегнати страни и ќе се преземат веднаш. Од оваа говорница, повикувам на сплотеност и одговорност во делувањето на секоја власт.
Изминативе 78 години, УНЕСКО придонесе за градење на култура на мир, за искоренување на сиромаштијата, за одржливиот развој и особено за меѓукултурниот дијалог. Во име на граѓаните на Македонија, која, патем е, и, една од основачите на Организацијата на Обединетите нации заедно со останатите пет федерални републики во Социјалистичка Федеративна Република Југославија, би сакал, уште еднаш да изразам благодарност до УНЕСКО за посветеноста во создавањето услови за дијалог меѓу цивилизациите, културите и луѓето засновани врз респект кон споделените вредности.
Потсетувам на овие вредности затоа што, тие, денес, кога беснее војна во Европа и на Блискиот Исток, и кога флагрантно се прекршени нормите и правилата на меѓународниот поредок, истите ни се потребни повеќе од било кога порано! Морална визија преточена во уште поопиплив и поефикасен мултилатерализам, кој секогаш и секаде ќе се спротивставува на одржување на структурите на нееднаквост, на неправдите, и на која било форма на расизам!
Демократскиот систем на вредности е под сериозна закана. Ниту една држава, колку и да е моќна и силна, не може сама да се справи со глобалните предизвици на денешнината. Светот е поделен по разни основи. И затоа, демократиите мора да ја зајакнат својата сплотеност и отпорност, независно од географските, демографските, политичките, економските или културолошките разлики меѓу државите. Во интерес на мирот и стабилноста, неопходно е да се најде најмал заеднички именител. Тоа е единствено можно преку инструментите на ефективниот мултилатеризам.
Принципите на кои Македонија ја води својата надворешна политика се израз на внатрешната политика на земјата за градење и одржување на мултикултурна демократија и постојана инклузивност на различностите во демократските процеси, заштита и унапредување на човековите права и правата на различните етнички заедници и ранливите групи. Културата на дијалог и компромиси, иако базирана на превенција на спорови, оди рака под рака со нашата приврзаност кон активниот и ефективен мултилатерализам.
Затоа што, токму, мултилатерализмот им овозможува на малите земји да покажат големи успеси, а на големите да ја докажат својата големина. Но, не, со аргументите на силата, туку со силата на аргументите и со можноста да се издигнат над тесните национални или геополитички интереси, и да ја предводат заедничката акција во интерес на сите.
За крај, Република Македонија, ќе продолжи да биде активна во зајакнување на мултилатерализмот, во сите меѓународни организации каде што членува, а посебно во УНЕСКО. Ќе продолжиме да покажуваме дека од корисник на безбедносни аранжмани пред триесет години, сега сме генератор на безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко, и промотор на културата на дијалог.
Ви благодарам што имав можност да се обратам пред ова годишно Собрание на УНЕСКО. Благодарам!“