Македонија денеска го одбележува Илинден – Денот на Републиката, во чест на двата најзначајни настани во македонската државност – 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ. Централните прослави ќе се одржат во Крушево, Пелинце и Скопје, каде што највисоките државни претставници ќе им оддадат почит на илинденците и на основоположниците на современата македонска држава.
Главната државна свеченост традиционално ќе се одржи во Крушево. Програмата почнува со положување цвеќе на гробот на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев, и на споменикот на хероите на месноста „Слива“, по што ќе биде одржана панихида во храмот „Св. Никола“.
Потоа следува големиот народен собир на „Мечкин Камен“, каде што ќе се одржи церемонија на положување свежо цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република, ќе биде интонирана државната химна, а ќе се обрати потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски. Во рамки на свеченоста е предвидена и културно-уметничка програма со настап на НУ „Танец“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе присуствува на свеченоста во Скопје, која ќе се одржи пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, на плоштадот Македонија. Таа ќе положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов-Ченто.
Одбележувањето на 82-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе се одржи во Меморијалниот центар во Пелинце, каде што е најавено обраќање на премиерот Христијан Мицкоски.
Традиционално и годинава, на 2 Август, во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново ќе се одржи 55. Светска македонска иселеничка средба и 46. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Двата Илиндена – темел на македонската државност
Годинава се одбележуваат 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ.
Илинденското востание започнало на полноќ спроти Илинден 1903 година, кога камбаните во Крушево го означиле почетокот на востанието. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а два дена подоцна Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин прв претседател. Републиката опстојувала десет дена, по што 18-илјадната османлиска војска, предводена од Бахтијар-паша, започнала офанзива за повторно заземање на Крушево. Последните борби на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули го означиле крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година подоцна, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ, на кое била потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на Демократска Федеративна Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, а за претседател на Президиумот на АСНОМ бил избран Методија Андонов-Ченто.
На заседанието биле усвоени повеќе документи со државотворно значење, меѓу кои Решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
