Стратешки дијалог ја продлабочува соработката помеѓу Македонија и САД

Во Вашингтон, Владите на Македонија и Соединетите Американски Држави ја објавија Заедничката изјава по завршувањето на втората сесија на Стратешкиот дијалог.

На состанокот учествуваа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау. Изјавата е достапна на веб-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Според соопштението на Министерството, Заедничката изјава ја реафирмира одлуката за продлабочување на стратешкото партнерство, како и за унапредување на мирот, безбедноста и економскиот просперитет.

Соработка во економијата, енергетиката и безбедноста

Во документот се нагласува зајакнување на соработката во клучни области, вклучувајќи енергетика и економија, одбрана и безбедност во рамки на НАТО, како и сајбер и дигитална отпорност. Посебен акцент е ставен на диверзификација на енергијата, зголемување на сигурноста на снабдувањето со природен гас и подобрување на инвестициската клима и трговските односи.

„Двете земји ја потврдуваат заедничката посветеност за зајакнување на одбранбените капацитети и придонесот во рамки на НАТО, како и за поддршка на Украина. Дополнително, се предвидуваат активности за унапредување на сајбер безбедноста преку техничка помош, проценка на критичната инфраструктура и јакнење на институционалните капацитети“, соопшти Министерството.

Безбедност, културно наследство и мобилност на граѓаните

Во областа на безбедноста, изјавата нагласува и интензивирање на соработката во справувањето со транснационалниот криминал, нелегалната миграција и граничната безбедност, со конкретна финансиска и техничка поддршка за институциите.

Дополнително, во рамки на дијалогот беа договорени иницијативи за заштита на културното наследство и унапредување на мобилноста на граѓаните преку приклучување кон програмите за доверливи патници.

Од МНРиНТ истакнуваат дека Стратешкиот дијалог претставува значаен исчекор во зацврстувањето на трансатлантските врски и ја потврдува улогата на Македонија како кредибилен сојузник и партнер на САД.