Земјите наследнички на поранешна Југославија се согласија на Македонија и Србија да и го доделат станот на СФРЈ во Трст, соопшти словенечкото Министерство за надворешни работи.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, станот од распадот на поранешната држава е во сопственост на Словенија, но во последните години го користел студентскиот дом „Среќко Косовел“ во Трст.
Државите наследнички го поделија целиот дипломатски имот на поранешната СФРЈ во регионот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), соопшти Министерството за надворешни работи на Словенија.
Во завршна фаза е последната од петте продажби на недвижности на поранешна СФРЈ во Токио, Бон, Берн и Њујорк.
Додека Словенија и Србија веќе потврдија дека се подготвени да го потпишат купопродажниот договор за заедничка продажба на куќата на поранешната мисија на СФРЈ во Њујорк, другите три држави наследнички сè уште немаат спроведено внатрешни процедури за добивање формално одобрение од нивните влади.
Куќата на мисијата во Њујорк, како што претходно беше најавено, е најголемиот „скапоцен камен“ меѓу имотите вклучени во продажбата. Таа се наоѓа на Петтата авенија, една од најпознатите улици во Њујорк, веднаш до Централ Парк.
Вчера српското МНР соопшти дека амбасадорот на Србија во Швајцарија, Горан Брадиќ, по овластување и наредба на шефот на дипломатијата Никола Селаковиќ, потпишал купопродажен договор со амбасадорот на Северна Македонија во Швајцарија, Кенан Рамадани, за купување на косопственичкиот удел на Северна Македонија над зградата на Амбасадата на поранешна СФРЈ во Берн, со што на земјава ќе и се исплати нејзиниот удел од осум отсто од зградата во која се наоѓа Амбасадата.