Македонска делегација, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со тимот од Секторот за нафта и гас во Министерството и раководните лица од Номагас, МЕМО и МЕПСО, престојуваше во Белград. Посетата беше организирана по покана на српската министерка за рударство и енергетика.
Дел од делегацијата беа и директорот на Номагас, г-дин Недим Рама, заменик директорот на МЕПСО, г-дин Александар Пауновски, директорот на МЕМО, г-дин Зоран Ѓеорѓиевски. Исто така, раководителот на Секторот за нафта и гас при МЕРМС, г-дин Горан Николовски беше присутен. Главниот фокус на посетата беше забрзаната реализација на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија. Овој проект е од стратешко значење за регионалната поврзаност и долгорочната енергетска безбедност.
На работната средба беа разгледани клучните технички, финансиски и институционални чекори. Тие се потребни за продолжување на активностите за изградба на интерконекторот. Овој инфраструктурен проект, со вкупна должина од околу 67 километри (23 km на територијата на Македонија и 44 km во Србија), ќе ги поврзе гасните системи на двете земји. На македонска страна, ќе има приклучување кај Клечовце, а во Србија со националната гасоводна мрежа во близина на Врање.

За финансирањето на интерконекторот има интерес и од Светската банка и други комерцијални банки, бидејќи претставува дел од пошироката визија за интегриран, диверзифициран и сигурен регионален пазар на гас.
Министерката Сања Божиновска истакна дека проектот напредува согласно утврдена и усогласена динамика меѓу двете работни групи .
„Интерконекторот со Србија е клучниот проект што ќе ја отвори нашата земја кон нови извори на гас и ќе ја засили регионалната енергетска стабилност. Но ова е и една од најважните инфраструктурни врски за целиот регион – значајна не само за Северна Македонија и Србија, туку и за цела Европа. Имаме завршени студии, усогласена рута и координирана акција која веќе се спроведува. Нашата цел е интерконекторот да стане реалност во најскоро време, затоа што секој ден е важен за сигурноста на граѓаните и економијата.“ истакна Божиновска.
Од своја страна, српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Хандановиќ Ѓуровиќ, ја нагласи важноста на заедничката регионална визија:
„Гасниот интерконектор со Македонија е проект што има значење подалеку од нашите граници. Тој е дел од визија за регион кој е енергетски поврзан, стабилен и усогласен со европските цели. Соработката со министерката Божиновска и македонскиот тим е интензивна и конструктивна. Со поддршка од ‘Транспорт гас Србија’ и ‘Номагас’ ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Се согласивме на интензивни редовни средби, со цел интерконекторот да стане реалност во најскоро време.“
Очекуваната динамика и следните чекори
Двете делегации ја потврдија целосната посветеност за интензивна координација и навремено исполнување на сите обврски. Согласно усогласената динамика:
• Изградбата на интерконекторот се очекува да биде завршена во текот на 2027 година.
• Во 2028 година низ новиот гасовод се очекува да протече и првиот гас.
• Интерконекторот е предвиден и да биде технички подготвен за идниот транспорт на водород, усогласено со долгогодишните европски енергетски цели и зелените политики.
На крајот од средбата, беше потврдена заедничката определба за силна институционална и техничка координација со јасна цел – гасниот интерконектор Македонија – Србија да стане функционална, модерна и безбедна енергетска врска која ќе обезбеди поголема сигурност, диверзификација и регионална интеграција, во интерес на граѓаните, економијата и целиот регион.
