Од Јавното претпријатие за државни патишта за МИА информираа дека системот ги поминал успешно сите тестирања, подготвен е за употреба и е функционален.

Toa значи дека сите што ќе патуваат со автомобил ќе можат да поминат низ соседната земја речиси без застанување, доколку имаат српска или македонска ознака за наплата на такса за користење на автопатиштата. Проектот беше најавен во септември 2021 година како дел од иницијативата „Отворен Балкан“. Наместо да застанат или да купат дополнителен уред или картичка, возачите од двете земји ќе можат да плаќаат патарина и во Македонија и во Србија со еден уред.

– Имплементацијата на проектот Отворен Балкан е во завршна фаза, системот се тестира и проверува, во реално време и со реални податоци. Во изминатиот период беа направени подготовки за интеграција на системот за наплата на патарина на Македонија и Србија. Исто така, беше извршена подготовка и развој на безбеден и ефикасен начин за реализација на трансакциите во двете земји. Во интеграцијата на системот беше ангажиран персоналот кој работеше на воспоставување на електронска наплата – се наведува во соопштението.

Примената на т.н „еден таг“ треба да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и да го намали метежот на автопатиштата.

„Очекуваме овој начин на плаќање на патарина да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи, да се намали емисијата на штетни гасови од моторните возила, а предност за граѓаните е што во таканаречениот шпиц во сезоната нема да чекаат во редици, а ова, пак, значи дека побрзо ќе стигаат до одредената дестинација“, велат од ЈПДП.