„Знаењето и искуството да го донесете дома. Тоа е целта“, вели Васко Ѓурчиновски.

Оваа порака ја упати македонскиот воен генерал до тимот кој две недели заедно со американската војска вежбаше за атомска, биолошка и хемиска одбрана во Вермонт.

„На следниот 30 годишен јубилеј, некој од вас можеби ќе биде началник“, порача Васко Ѓурчиновски.

Петте припадници од македонската армија специјализирани се за воени интервенции со различни опасни материи.

„Задоволни се, се разбира од она што имаа можност да го извежбаат на полигонот овдека. Се враќаат побогати за едно искуство поприлично поголемо би рекла и се разбира подготвени за тоа искуство стекнато за време на вежбата и предизвиците со кои се соочиле да ги пренесат на своите колеги во Македонија“, вели Славјанка Петровска.

Вермонт е мала држава, по површина речиси иста како Македонија. Во почетоците на нашата независност започнува пријателството, денеска продолжено со потпишување на писмо на намери со кое партнерството продолжува со засилено темпо.

 

„Пред 30 години кога започна ова партнерство можам да кажам дека тогаш било визионерство. А денеска сите стоиме горди на успесите кои се постигнати и особено тоа е нагласено во делот на одбраната. Во делот на земјоделието веќе се разговори за поблиска соработка, меѓутоа исто така и кризниот менаџмент кој е особено важен аспект и во нашата држава, ќе соработуваме во делот на сајбер одбраната и зајакнување на сајбер капацитетите во нашата држава“, додаде Славјанка Петровска.

Домаќините велат, ако погледнеме каде бевме пред 30 години и каде сме сега, заклучокот е дека партнерството е динамично, а достигнувањата неверојатни.

„Дури и по 30 години, ние уште еднаш ја потврдуваме нашата посветеност кон нашите нации. Ние веќе имаме развиено односи, но можеби оваа програма е различна, за државно партнерство. Најголемата сила е континуитетот што Националната гарда го носи до овој датум, не само Северна Македонија туку и со нашите други два партнери Република Сенегал и Република Австрија, но и глобално. Партнерството во Африка. Многу партнерства со секоја земја во Јужна Америка, тоа е прекрасна работа. Тоа е убавото нешто за гардата, континуитетот што го нудиме“, вели Георги Најт.

На свеченоста и потпишувањето присуствуваа и голем број на граѓани, бидејќи објектот е отворен за секој посетител. Досега сменил три изгледи, но не и локацијата. Оваа последната е дизајнирана во 1870 година, а куполата е позлатена во 20 век кога многу држави го направија тоа како дел од стилот на колонијална преродба.

„Државничкиот дом на Вермонт нема ротонда, куполата се наоѓа речиси директно над таванот на претставничката сала на вториот кат од објектот. Во салата над столот на говорникот стои портретот на Џорџ Вашингтон“, порача репортерот на ТВ21.