Доцнењата во исплатата на социјалната помош, кои предизвикаа силни реакции во јавноста, биле краткотрајни и вообичаени за секој месец, изјави заменик-министерот за социјална политика Ѓоко Велковски во интервју за Радио Слободна Европа. Тој посочи дека суштинскиот проблем е многу подлабок и се однесува на структурата на социјалниот систем и на пензискиот фонд.

Според Велковски, дупката во пензискиот фонд се продлабочува затоа што бројот на пензионерите речиси се израмнил со бројот на вработените, додека паралелно постои значителен број граѓани кои се работоспособни, но земаат социјална помош и не влегуваат во пазарот на трудот.

„Во системот на социјална заштита денес имаме 32 илјади семејства кои користат гарантирана минимална помош. Тоа се семејства каде има баба, дедо, татко, мајка, ќерка, син – а најголем дел од нив се полнолетни и работоспособни. Потенцијал за работна сила има, но системот мора буквално да се репрограмира“, рече Велковски.

Тој додаде дека дел од тековните проблеми со исплатите не треба да се гледаат како кризa, туку како последица на децениски нефункционален модел кој бара темелни реформи.