Мицкоски со честитка по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите: „Заедно можеме повеќе, подобро и само така Македонија ќе биде нашиот заеднички дом“
Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до ромската заедница по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, нагласувајќи ја историската улога на Македонија како пример за толеранција, инклузивност и соживот.
„Во името на Владата и во мое лично име на сите граѓани од ромската етничка заедница им го честитам 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите“, стои во честитката.
Мицкоски подвлече дека приоритет на Владата во периодот што следи ќе биде подигнување на социјалниот и економскиот статус на Ромите, како и нивно целосно вклучување во сите општествени процеси – од образование, преку институционална заштита од дискриминација, до учество во економските и социјалните текови на државата.
„Македонија е земја со ограничени ресурси и затоа мора својот приоритет да го постави во насока на искористување на сите кадровски и човечки потенцијали со кои располага, со стремеж постигнување на заеднички напредок“, порача Мицкоски.
Премиерот нагласи дека образованието е најдобриот одговор за социјалното и економското назадување и најави дека реформите во оваа сфера остануваат врвен приоритет на Владата.
„Мораме да ја претвориме нашата земја во држава која дава еднакви можности на сите, која ќе го цени и вреднува успехот и квалитетот на индивидуалецот, како предуслов за градење на подобра иднина на сите“, истакна тој.
Мицкоски ја заокружи честитката со порака на единство и заедништво:
„Заедно можеме повеќе, подобро и само така Македонија ќе биде нашиот заеднички дом.“