Македонија, како и другите земји на Западен Балкан, ќе биде вклучена во Платформата за заедничко купување течен гас (LNG) и хидроген што вчера го договорија ЕУ и Соединетите Американски Држави.
Како што соопшти владината прес-служба, ова е резултат на политиката на солидарност во овие времиња на предизвици во кое заедничката стратегија дава резултати, се вели меѓу другото во заклучоците на Европскиот Совет.
-Благодарение на оваа стратегија за справување со последиците од војната и енергетската криза Северна Македонија станува дел од оваа платформа на ЕУ за заедничко купување течен природен гас од САД за да се ослободиме делумно од зависноста од рускиот гас, се вели во соопштението.
Европскиот Совет во Брисел овие заклучоци ги донесе вчера после состанокот на лидерите на ЕУ со претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден, каде уште еднаш воената агресија на Русија на Украина е оценета како грубо кршење на меѓународното право која што предизвика огромен број цивилни жртви и масовна хуманитарна бегалска криза.
Меѓу заклучоците за заедничките политики на ЕУ и САД како одговор на оваа неприфатлива воена агресија во Европа, кои се однесуваат на помошта за Украина и за соодветно прифаќање на бегалците и менаџирање на хуманитарната криза, донесени се и повеќе заклучоци кои се однесуваат на справување со последиците од економската криза со посебен акцент на енергенсите.
За таа цел договорени се повеќе политики и мерки кои се однесуваат на обезбедување алтернативни извори на енергенси, пред сѐ на гас од САД и за стабилизирање на глобалниот енергетски пазар додека трае војната во Украина.