– Одлуката на Северна Македонија да се придружи на клубот европски земји кои ќе го напуштат производството од јаглен до 2030 година го подвлекува фактот дека Парискиот договор за климатски промени стана норма за европските земји, изјави Махи Сидериду, извршен директор на „Европа без јаглен”.
Тој додаде дека влезот во оваа група е особено значаен бидејќи се работи за првата земја од Западен Балкан што се обврзува на напуштање на јагленот.
Од АД ЕСМ порачуваат дека енергетската транзиција на земјата е еден од нивните приоритети и на Владата и додаваат дека Енергетскиот стратешки план е една од точките на Акција 21 и на Интервентниот План за инвестиции 2021-2027.
– Минатиот месец АД ЕСМ потпиша договори за јавно – приватно партнерство за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј од 100 мегавати во вредност од 70 милиони евра, што претставува една од најголемите инвестиции во енергетиката, поточно во обновливите извори за производство на електрична енергија. Паралелно, во различна фаза на реализација е изградбата на уште две фотонапонски централи од 20 мегавати, со што во Осломеј целосно се супституира производството од струја од јаглен. Тоа е прв пример во Југоисточна Европа, за што Европската енергетска заедница испрати и писмо за поддршка, велат од компанијата.
Што се однесува до Ветерниот парк Богданци, додаваат, во тек е проектот за зголемување на неговиот производствен капацитет на 50 мегавати, а Парк на ветерници ќе се гради и кај Миравци.
Од АД ЕСМ посочуваат дека според сите релевантни меѓународни организации сме на врвот на листата земји од регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само минатата година, прецизираат, производството на енергија од обновливи извори во државата е зголемено на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1 отсто.