Македонија ќе учествува со 25 проценти во гасната централа која ќе има капацитет од 800 мегавати, а проценетата инвестиција е повеќе од 380 милиони евра. Во гасниот терминал со должина од 17 километри и капацитет од 5,5 милијарди кубни метри, учеството на земјава е 10 проценти со вредност од околу 370 милиони евра. Планот е до 2023 година да бидат пуштени во употреба.
Меморандумите за соработка беа потпишани денеска во Скопје меѓу енергетските компании од Северна Македонија и Грција.
– Нашето вклучување во изградбата на терминалот за течен природен гас во близината на Александропули во Грција ќе создаде можност за трајно, стабилно снабдување со природен гас за земјата од каде потоа гасот ќе се дистрбуира пошироко во регионот. Целта на Владата е импементирање на зеленото сценарио како најприфатливо за развојот на земјата кое треба да обезбеди економски и еколошки придобивки, истакна премиерот Зоран Заев пред потпишувањето на меморандумите.
Заблагодарувајќи се на поддршката од САД за развивањето на новиот енергетски пазар, Заев посочи дека со приклучувањето кон овој енергетски проект, земјата повеќе нема да биде краен корисник на природен гас од само еден извор, туку ќе биде важна транзициска рута за природен гас во цела Југоисточна Европа.
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, ова е историски ден, а со оваа инвестиција се обезбедува резервирање на капацитети за сигурно и стабилно снабдување на земјата со гас, без ризици во следните 15 години.
– Со ова, значително ќе се зголеми снабдувањето со природен гас во државата и во регионот, имајќи предвид дека нашите планови вклучуваат и нови гасоводни врски со Косово, Албанија и Србија. Со поврзувањето со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија ќе стане транзитна рута на природен гас, а целта е таа да стане дел од енергетскиот хаб на Балканот, нагласи Битиќи.
За министерот за економија Крешник Бектеши овие проекти се од клучно значење за развој на енергетскиот сектор, а придобивки ќе имаат и граѓаните, компаниите, животната средина и општеството во целина.
Извршниот директор на „Копелузос Груп“, Христос Копелузос очекува дека за две и пол години од денес, Северна Македонија да почне да добива енергија од сопствена гасна централа во Александропулос по многу компетитивни цени.
– Заедно ќе развиеме ултра модерна и максинално енергетски ефикасна централа, што ќе ја зголеми енергетската безбедност, ќе ја намали цената на струјата и ќе ја зголеми компетитивноста на бизнисот и граѓаните во вашата земја, рече Копелузос.
Заменик-претседателот на „Гастрејд“, Коститс Сифнеос, кој исто така присуствуваше на потпишувањето, посочи дека гасниот терминал во Александропулос е уникатен проект не само за Грција, туку и за целиот регион на Балканот кој нуди безбедност и диверзификација на испораката на гас.
Во Владата беа потпишани три меморандуми – меѓу Национални енергетски ресурси Скопје и Елени Асмина Конпелозу, потоа меѓу Електрани на Северна Македонија и Гастрејд за закуп на капацитетот во терминалот и меѓу ЕСМ и Дамко Енерџи за стекнување на 25 проценти удел во Александруполос електрисити продакшн.