„Македонија понижена“ е сликата по една година владеење – СДСМ обвинува за економски пад, институционален хаос и изгубена насока

По повод една година од формирањето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска на трибина со наслов „Македонија понижена – една година Влада“ остро ја критикуваше актуелната власт, оценувајќи дека земјата не напредува, туку се движи во спротивна насока – со економска криза, институционален распад и изгубено достоинство кај граѓаните.

„Денес, по една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, вистината е болна, но мора јасно и недвосмислено да се каже: Македонија не е горда – Македонија е понижена. Понижени се работниците, понижени се земјоделците, понижени се младите кои се надеваат на својата иднина дома. Една година беше повеќе од доволно време да видиме дека ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со една голема лага. И денес, една година подоцна, граѓаните тоа јасно го гледаат и го зборуваат,“ рече Филипче.

Во своето обраќање, тој посочи дека од бројните директни контакти со граѓаните добива исти пораки – дека достоинствен живот е невозможен без фер плати, надеж за младите и правен систем што важи за сите, освен за оние на власт.

„Вистината е болна. А вистината е дека добивме Влада иста каква што граѓаните со револуција ја сменија. Влада која работи за себе и за оние околу себе, а граѓаните ги остава сами. Влада која манипулира и ги лаже дека живеат добро, додека реалноста е тешка и неподнослива,“ посочи Филипче.

Тој додаде дека власта демонстрира ароганција, отуѓеност и целосна нечувствителност кон реалните проблеми на луѓето.

Економска криза, замрзнати плати и животна реалност спротивна на пропагандата

Филипче нагласи дека државата се соочува со економска состојба која не била забележана со децении.

„Живеачката станува неподнослива, а граѓаните се оставени сами пред ударот на енормните цени, падот на куповната моќ и луксузот на функционерите. ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја втурнале државата во економска криза, го закочиле растот на платите и ги оставиле трговците и моќниците да прават што сакаат со цените. Парното поскапе, цената на струјата дивее. Граѓаните се плашат да ги отворат сметките за да проверат колку треба да платат секој месец,“ изјави тој.

Филипче го спореди владиниот наратив за економски раст со бројките што, според него, ја покажуваат вистинската состојба.

„Секојдневно нè убедуваат дека имаме силен економски раст, но реалните бројки се брутални. Инфлацијата е речиси 4,5 отсто, а растот скромни 2,6 отсто. Прв пат имаме негативен економски резултат, полош и од воената 2001 година. Граѓаните живеат на раб на достоинство, додека функционерите на Мицкоски и тој самиот се расфрлаат со луксуз – приватни авиони, скапа храна и хотели од соништата,“ рече Филипче.

Според него, македонскиот народ никогаш не барал лесен живот, туку барал чесен однос и вистина.

„Македонскиот народ никогаш не живеел лесно. Сме се бореле со сиромаштијата низ годините, сме се бореле за опстанок. Но, она што сега најмногу боли е леснотијата со која Владата нè убедува дека се живее добро. Дека живееме во земја ‘економски тигар’ која е четврта во Европа. Дека платите се добри и куповната моќ е голема, поголема од европските земји. Но, реалноста е сосема друга. Платите се најниски во Европа и по седум години престанаа да растат. Животниот стандард е најлош во Европа. Ова не го тврди СДСМ – ова се погубни статистички податоци од најреномираните европски институции,“ истакна тој.

Филипче рече дека покрај економските проблеми, граѓаните се чувствуваат и небезбедни.

„По однос на безбедноста, јасно му е на секој граѓанин на оваа држава дали е сега подобро или не. За една година од оваа власт ни се случи најголемата трагедија во модерната историја на Македонија. Трагедија која можела да биде спречена доколку полицијата редовно и чесно си ја вршела работата,“ рече тој.

Тој обвини дека Министерството за внатрешни работи е целосно партизирано и нефункционално, што довело до сериозен скок на криминалитетот.

„За жал, полицијата денес, по една година, е претворена во партиска војска на Мицкоски и неговата партија. Општиот криминалитет е зголемен речиси за половина – и тоа според нивните статистики. Секојдневно гледаме убиства, пукања, трагични сообраќајни незгоди. Безбедноста на граѓаните е загрозена како никогаш досега,“ предупреди лидерот на СДСМ.

Осврнувајќи се на состојбата во јавната администрација, тој рече дека партизацијата е институционализирана.

„Нивните функционери отворено кажуваат дека вработувањата во болниците и секаде на друго место се само по партиска заслуга. Тоа го кажуваат гордо, без срам – како да е нормално,“ изјави Филипче.

ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Филипче поданички го слушаат Заев, неговите деца во партијата станаа кандидати за градоначалници

Наместо кон ЕУ – изолација, неизвесност и отсуство на стратешка насока

На крајот, Филипче зборуваше и за евроинтеграциите, велејќи дека Владата ја има свртено државата во сосема поинаква насока од очекуваната.

„По една година е јасно дека напред е слепа улица со ВМРО-ДПМНЕ. Нема план, нема волја, нема стратегија како нашата држава ќе стане членка на ЕУ и каде се движиме како нација… СДСМ даде поддршка, СДСМ имаше разбирање, нудеше реална соработка и национален консензус за клучните прашања. Бевме – и сè уште сме – спремни да застанеме и да поддржиме решение кое е пред сè во интерес на граѓаните,“ истакна тој.

Според Филипче, изборот на Владата е курс кој води кон неизвесност, осаменост и порази.

„За жал, Владата фаќа друг пат – во непознат правец. Оваа несигурност, оваа бесперспективност ќе биде погубна за иднината на државата и нашите граѓани,“ заклучи Филипче.

Извор: Republika