Ден пред прегласувањето

Во седум избирачки места, во изборните единици пет и шест, денеска гласаат болни и изнемоштени лица, пред прегласувањето за парламентарните избори на 22-ри мај во Охрид, Крушево, Струга, Долнени во петтата изборна единица и на едно избирачко место во општина Желино, во шестката.

Се гласа и во старечките домови

Дел од запишаните избирачи, правото на глас ќе го искористат во старечки домови или во затворите каде издржуваат казни. Такви има седуммина.

Кој би земал пратеник повеќе, а кој би изгубил?

Моника Зајкова, коносителот на Димитар Ковачевски во ИЕ1 се надева дека во ИЕ5, ЛДП ќе земе пратеник повеќе на прегласаувањето во среда. Во тој случај пратник ќе стане Боби Мојсоски, а би отпаднал Исмаил Јахоски од ДУИ. И ВМРО-ДПМНЕ се надева на пратеник повеќе, а можно е партијата да стигне до апсолутно мнозинство во Собранието.

Можно сценарио по прегласувањето: Пратеник ќе влезе Мојсоски од ЛДП, а ќе отпадне Јахоски од ДУИ

Колку луѓе имаат право на глас?

Право на глас во овие избирачки места имаат вкупно 4.521 гласач. Во Желино ќе гласаат 993, а во другите шест избирачки места во петтата изборна единица, вкупно 3.528 гласачи.

По колку мандати освоија партиите?

На парламентарите избори со резултатите кои како официјални ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 18, Коалицијата ВЛЕН со 13, а Движење ЗНАМ „За наша Македонија“ и Левица по шест пратенички мандати.