Македонската фудбалска репрезентација денеска со почеток од 18 часот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје игра пријателски меч против селекцијата на Фарските Острови, една од малкуте европски против кои никогаш не сме играле.
Македонија имаше само еден квалификациски меч во овој термин за репрезентации, па тоа го користи и за еден пријателски меч против Фарските Острови.
Македонија и Фарските Острови досега никогаш не играле, овие две селекции за првпат ќе ги одмерат силите. Покрај нив немаме играно со уште пет европски земји, Франција, Грција, Швајцарија, Северна Ирска и Сан Марино.
За денешниот дуел Милевски нема да смета на Димитриевски, Муслиу, Зајков, Адеми и Доријан Бабунски.
„Целта на секој меч е Македонија да победи! Да даде сѐ од себе и не гледам ништо поразлично да биде и сега. Фарски острови на последните осум меча имаат само еден пораз, а ја победија Турција и сето тоа говори дека денеска нема слаби селекции, нема аутсајдери, дека сите напредуваат и сите следат модерни трендови во фудбалот. Тоа важи и за нив. На последниот меч со Молдавија покажаа дека се цврст и агресивен тим, кој игра со многу сила, многу трчање, но доста напредувале на тактичко-технички план. Нѐ чека сериозен противник, што ќе бара да сме максимално фокусирани и дисциплинирани“, вели селекторот Милевски.
Еден од главните адути на Македонија и на овој меч треба да биде Елиф Елмас.
„Сите ние во репрезентацијата секогаш кога доаѓаме го даваме најдоброто од нас, така ќе биде и со Фарски острови. Јас за Македонија секогаш сум максимално мотивиран, секогаш гледам и се трудам да го дадам максимумот. Знаеме дека Фарски острови имаат добра низа на резултати. Но, ќе излеземе на терен да го спроведеме тоа што ќе се договориме и тоа што ќе го бара селекторот од нас“, вели Елмас.