Со оваа порака, како што соопшти Министерството за култура, Македонија се вклучува во виртуелната прослава на јубилејот на УНЕСКО:
– Република Северна Македонија е членка на УНЕСКО од 1993 година, но како дел од поранешна Југославија, ние сме членка на ова светско семејство речиси колку нејзиниот јубилеј. УНЕСКО за нас значи признавање на културните и природните добра што ги имаме во изобилство, како и промоција во светот. УНЕСКО пред 42 години на својата престижна листа го впиша Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство со универзална вредност. Ние сме горди на тој чин и на сето внимание што со децении го добиваме од УНЕСКО, не само за овој бисер на Балканот. Во светот, УНЕСКО има поголема и суштинска улога, а тоа е хуманоста и солидарноста на целата планета. УНЕСКО се грижи за културните и за природните добра, за образованието, за основните човекови права во земји каде што од политички или економски причини, тие права се на последното место. Едноставно, УНЕСКО е засолниште на сė што е вредно, а може да биде уништено. Со фрагменти од најубавите слики и звуци кои се наше, но и светско богатство, му го честитаме 75-тиот роденден на УНЕСКО. Среќа што постои, особено во времето што претстои, се вели во видеозаписот.
Уставот на УНЕСКО беше усвоен и потпишан на 16 ноември 1945 година во Лондон и стапи на сила на 4 ноември 1946 година во Париз.
УНЕСКО од организација на Обединетите нации со 41 држава членка во 1945 година, прерасна во организација со 193 држави членки и 11 придружни членки во 2021 година.
– Денес таа е одговорна за донесувањето на најважните светски инструменти за воспоставување стандарди, вклучувајќи ја и Конвенцијата за светско наследство од 1972 год., предводник на многу иницијативи и водечки реализатор на главните програми на ОН во културата, образованието, науката и информациите, наведуваат од Министерството за култура