Македонија шеста во светот по странски инвестиции во однос на БДП

Македонија се пласираше на шесто место од 105 држави во глобалниот извештај Greenfield FDI Performance Index 2025, кој мери колку странски инвестиции привлекува една земја во однос на нејзиниот бруто домашен производ, пренесува Блумберг Адриа.

Извештајот, кој веќе десет години го подготвува „ФДИ Интелиџенс“ – истражувачкиот оддел на „Фајненшл Тајмс“, ја истакнува Македонија како пример за земја од Западен Балкан што ги надминува своите економски капацитети. На врвот се Обединетите Арапски Емирати, следени од Намибија и Костарика, додека од регионот меѓу првите десет се и Босна и Херцеговина (7. место) и Србија (8. место).

Деталниот извештај може да го погледнете ТУКА.

Големи инвестиции во енергетскиот сектор

Според извештајот, во 2024 година во Македонија се реализирале значајни инвестиции во енергетиката, меѓу кои се издвојува проектот на „Алказар Енерџи“ од Дубаи – ветерна фарма од 400 MW во Штип, вредна 500 милиони долари. Проектот е во подготовка и се очекува изградбата да започне до крајот на годинава. Според соосновачот Даниел Калдерон, ваквите проекти во Македонија можат да постигнат рентабилност при половина од сегашните цени на електричната енергија, што го зајакнува економскиот потенцијал на обновливите извори во регионот.

Стратешка насока кон сектори со висока додадена вредност

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека Македонија го пренасочува фокусот од трудоинтензивни кон капитално интензивни и високо-технолошки сектори – автомобилски компоненти, медицинска опрема, ИТ и обновливи извори на енергија. Тој потенцира дека целта е структурна трансформација на економијата и градење поотпорен модел преку поврзување на странските инвеститори со домашните компании. Како клучни фактори за привлекување инвестиции се издвојуваат членството во НАТО, интеграцијата со инфраструктурата на ЕУ и потребата од реформи во образованието, инфраструктурата и институциите.