Денес Македонија одбележува 34 години од прогласувањето на својата независност – државен празник што се слави на 8 септември и популарно е познат како „8 Септември“. Овој ден симболизира суверенитет, самостојност и остварување на вековната борба на македонскиот народ за сопствена држава.
Историскиот контекст во регионот
Референдумот за независност во Македонија се одржа на 8 септември 1991 година, во период на распад на поранешната СФРЈ. Веќе претходно, Словенија и Хрватска ја прогласија својата самостојност, што доведе до воени судири со ЈНА и меѓународни обиди за посредување. Европската заедница донесе низа декларации и организира мировна конференција во Хаг, обидувајќи се да спречи граѓанска војна во Југославија.
Декларација за независност и референдум
Првиот повеќепартиски македонски парламент на 25 јануари 1991 година ја усвои Декларацијата за независност, по што беше донесена одлука за распишување референдум. На 8 септември 1991 година, дури 95% од граѓаните што излегоа на гласање одговорија позитивно на прашањето за самостојна Македонија со право да влезе во иден сојуз на суверени држави на Југославија.
Масовна излезност и чист процес
На референдумот беа запишани 1.495.626 гласачи, а своето право на глас го искористија 1.132.981 граѓанин. Од нив, „за“ гласаа 1.079.308 или 95,09%. Процесот го следеа 167 домашни и 100 странски новинари, а во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на референдумот беше истакнато дека не биле поднесени жалби или приговори за неправилности.