На овој ден, Македонците се кренале на востание против фашистичката окупација од страна на Бугарија, Италија и Германија како дел од тројниот сојуз и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.

ИСТОРИСКА ПОЗАДИНА

По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор.

И пред 11 октомври 1941 година доаѓа до вооружен отпор против окупаторот. Така, на 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски војник, на 7 октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентотМане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски – Шовељ, а на 8 октомври Трајко Бошкоски – Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.

Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани,распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.

Во првата група учествуваат: Аспарух Јосифоски (командир), Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски.
Во втората група биле: Никола Попоски (командир), Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин и Душко Ристески.
Во третата група биле: Мице Димески (командир), Крсте Црвенковски, Коле Чашуле, Киро Ќососки и Киро Базеркоски.
Помеѓу партизаните немало загинати, а бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп од Душко Наумоски. Татко му на Наумоски бил пријател на стражарот Петар Колев, кој бил местен човек од Смилево, мобилизиран. Душко го искористил ова па се приближил и го убил.

Дејствија има и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред – на 17 октомври. Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зема учество во овие настани, бидејќи борците не биле известени. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.