На скала од 0 до 100 (од најранлива до најотпорна), Индексот на ранливост ги оценува Бугарија – 42, Чешка – 29, Унгарија – 44, Црна Гора – 44,  Македонија – 40, Романија – 29, Србија – 55 и Словачка – 32, во пет области: јавни ставови, политички пејзаж, јавна администрација, информациски пејзаж и граѓански и академски простор, со посебен фокус на активностите на Русија и Кина.

– Македонија може да се класифицира како најотпорна од анализираните земји од Западен Балкан. Сепак, македонското општество, го карактеризира поларизација во антагонистички политички кампови и останува ранливо, се вели во оценката за Македонија, на Индексот на ранливост.

Во делот на јавни ставови Македонија е оценета со 49, каде најлошо оценета е Србија – 61, а најдобро Унгарија – 41.

– Ентузијастичката поддршка на  Македонија за членство во ЕУ и НАТО може да биде пригушена од долготрајниот процес на пристапување во ЕУ, се вели во извештајот за земјата во делот на јавните ставови.

Земјата во делот на политички пејсаж има оценка 25, каде најлошо оценета е Србија – 66, а најдобро Романија – 18.

– Политичкиот пејзаж е растргнат помеѓу силната евроатланска ориентација и профитабилните односи со Кина, се вели во извештајот за земјата во делот на политичкиот пејсаж.

Во делот на јавната администрација Македонија е оценета со 42, каде најлошо оценета е Србија – 51, а најдобро Чешка – 19.

– Јавната администрација во  Македонија има неколку недостатоци, вклучително и ограничен напредок на клучните реформи и високо ниво на политизација, се вели во делот за јавната администрација во извештајот за земјата.

Информацискиот пејзаж во земјава е оценет со 45, додека најранлив е во Србија – 53, а најотпорен во Романија – 30.

– Иако сè уште е во пониските рангови на Индексот за слобода на медиумите Репортери без граници, слободата на медиумите постојано се подобрува од 2016 година, се вели во делот за информацискиот пејсаж во извештајот за земјата.

Граѓански и академски простор во земјава е оценет со 40, додека во најранлив е во Унгарија и Црна Гора – по 51, а најотпорен во Чешка – 23.

– Покрај етничките и религиозни поделби, извор на загриженост е и политичката поларизација на општество, стои  во извештајот за земјата во делот за граѓански и академски простор.

Индексот на ранливост е базиран на јавно истражување на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници спроведено во секоја од осумте држави во октомври 2020 година, онлајн анкети со најмалку 20 експерти од секоај од државите, истражувања на партнерски организации, Индексот на корупција на Транспаренси, Индекс за слобода на медиумите на Репортери без граници и Индексот за одржливост на НВО на FHI 360.