Македонија останува умерено подготвена во областа на земјоделството и руралниот развој, оценува Европската комисија (ЕК) во последниот Извештај за напредокот на земјава.
Според Комисијата, постигнат е одреден напредок во текот на извештајниот период. Се подобри апсорпцијата на ЕУ фондовите во рамки на ИПАРД 2, но треба да се обезбедат дополнителни кадровски ресурси и да се прошири имплементацијата на ИПАРД 3 за целосно искористување на достапните можности за финансирање.
ЕК препорачува Македонија да донесе законска рамка за натамошно усогласување со правото на ЕУ во областа на директните плаќања и заедничкото организирање на пазарите.
-Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027, донесена во 2021 година, треба да се дополни со Акциски план и буџетирање за да се обезбеди нејзино правилно спроведување, со систем за следење и известување. Треба да се усвои и закон за усогласување на националните шеми за поддршка на земјоделците со правото на ЕУ, пишува во Извештајот.
Комисијата нотира напредок во подобрувањето на квалитетот на податоците на Регистарот на фарми, но и ограничен напредок во однос на интероперабилноста меѓу Регистарот на фарми и Системот за идентификација и регистрација на животните во однос на квалитетот на податоците за животните.
Нема напредок, оценува ЕК, во спроведувањето на шемите за квалитет.
-Административните капацитети останаа недоволни и покрај секторскиот потенцијал за традиционални производи и ознака на потекло. Потребни се дополнителни напори за воспоставување на законодавната рамка, вклучително и за алкохолните пијалаци, како и за да се обезбеди заштита на географските ознаки во согласност со правото на ЕУ, стои во Извештајот.
Во однос на органското земјоделство, посочува Комисијата, законодавството, надлежниот орган, контролните тела, како и системот за акредитација и сертификација се воспоставени и оперативни, но потребен е нов закон усогласен со ЕУ.
-Треба да се донесе нов закон за органско производство во согласност со правото на ЕУ. Подобрувањето на мониторингот, контролата на сертификатите и производите е ограничено. Постои потенцијал за натамошен развој на секторот и за користење на можностите за поддршка во рамки на ИПАРД 3, наведува ЕК.