Утре, 2 август, Македонија ќе го одбележи Илинден – Денот на Републиката, еден од најзначајните државни празници, со кој се чествуваат два клучни историски настани: Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на Антифашистичкото собрание за народно ослободување на Македонија (АСНОМ) во 1944 година.

Илинденското востание, кое започна на 2 август 1903 година, останува симбол на борбата за слобода и самостојност, а Крушевската Република е запаметена како првата република на Балканот. Четири децении подоцна, на истиот датум, со одржувањето на Првото заседание на АСНОМ беа поставени темелите на современата македонска државност.

По повод празникот, традиционално се организираат државни чествувања и положување цвеќе на спомен-обележјата во Крушево, Пелинце и на други историски локации низ земјата, каде претставници на државниот врв, институциите и граѓаните им оддаваат почит на борците и настаните што ја обликувале македонската историја.

Илинден е неработен ден за сите граѓани на Македонија, а годинава празникот се паѓа во недела, поради што, согласно Законот за празници, понеделник, 3 август, исто така е неработен ден.