Македонската ракометна репрезентација го заврши настапот на „Жолтиот куп“ во Винтертур со второ место, откако во последното коло вечерва ремизираше 28:28 со домаќинот Швајцарија.

Иако Македонија имаше ист учинок како и Швајцарија – две победи и едно реми – првото место му припадна на домаќинот поради подобра гол-разлика од претходните натпревари. Пред вечерашниот дуел Швајцарците беа на +14, а Македонија на +9 по победите над Украина и Бахреин.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров, бодрени од голем број македонски навивачи на трибините, одиграа значително подобро второ полувреме и успеаја да ја анулираат негативата од пет гола разлика, но недостасуваше чекор за целосен резултатски пресврт и победа.

Турнирот во Швајцарија беше важна проверка во пресрет на големиот предизвик што следува, бидејќи македонската репрезентација веднаш по завршувањето на настапот во Винтертур заминува за Данска, каде за шест дена ќе ги започне настапите на Европското првенство.