Македонската пошта реагираше на, како што наведуваат, изјавите на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, оценувајќи дека наместо факти тој пласира дезинформации и политички напади кон институцијата.
Од Пошта соопштија дека прекинот во работењето, кој траеше три дена, бил предизвикан од сериозното невреме и техничките последици што ги оставило, а не поради други причини. Посочуваат дека од денес работењето е целосно нормализирано и дека сите поштенски услуги повторно се извршуваат непречено.
Во реакцијата се наведува дека, наместо разбирање за вонредната состојба, Апасиев, според Пошта, избрал да шири невистини, да ги навредува вработените и да ја искористи ситуацијата за политички поени.
Од Поштата додаваат дека институцијата нема да дозволи да биде предмет на политички пресметки и нагласуваат дека граѓаните заслужуваат точни информации и факти, а не, како што велат, измислици и политички манипулации.
