Обвинувања за манипулација со вработените
„Македонска пошта“ соопшти дека го смета за крајно тенденциозно, несериозно и политички мотивирано организирањето штрајк, особено во услови кога, како што наведуваат, платата за сите вработени е веќе обезбедена.
„Крајно тенденционо и несериозно е органирањето штрајк од страна на еден од Синдикатот на вработените во ‘Македонска пошта’ во услови кога за сите вработени платата е веќе обезбедена. Од тие причини веруваме дека штрајкот е политички мотивиран, а вработените се манипулирани, со што се нарушува нормалното функционирање на претпријатието“ – порачуваат од „Македонска пошта“.
Синдикатот бил навремено информиран дека проблемот е решен
Од претпријатието нагласуваат дека синдикалните претставници биле навремено информирани дека проблемот со платите е надминат и дека средства има за сите вработени.
„Би сакале да потенцираме дека Синдикатот е навремено информиран, уште еднаш потенцираме – навремено информиран – дека проблемот е решен и дека за сите вработени има обезбедено плата. Но во разочарување мораме да констатираме дека вработените се злоупотребени од одредени политички структури кои тенденциозно се обидуваат да го нарушат работењето на ‘Македонска пошта’“ – информираат од претпријатието.
Апел за дијалог и продолжување со работа со полн капацитет
Од „Македонска пошта“ посочуваат дека се во постојана комуникација и координација со Владата и дека со заедничка соработка континуирано се надминуваат проблемите во тековното работење.
„Залагајќи се за разрешување на сите настанати состојби, упатуваме апел до сите синдикални организации да се вклучат во решавањето на сите предизвици со кои се соочува нашето претпријатие, без да бидат провоцирани и манипулирани. Уште еднаш потенцираме дека ‘Македонска пошта’ работи со полн капацитет, а во наредниот период ќе работиме на подигнување на ефикасноста на ‘Македонска пошта’ и услугите кон сите комитенти“ – потенцираат од претпријатието.
