Во Центарот за обука на вода во Охрид, денеска со почеток во 10 часот, во присуство на највисокиот воен и државен врв ќе се одржи централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата и 32 години од нејзиното формирање.
Одбележувањето почна во петокот (16 август) со традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот, а со воени церемонии празникот се одбележа и во командите и единиците на Армијата во сите касарни во Републиката.
По повод Денот на Армијата синоќа во скопската касарна „Илинден“ беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.
За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.
Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Северна Македонија во март 2020 година стана 30 полноправна членка на НАТО.