Од институција во распад до кредибилен партнер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска направи отчет по една година работа. Тој вели дека македонската дипломатија претрпела коренити промени, а државата добила нов карактер на меѓународната сцена. Според него државата сега е достоеја, стабилна и усогласена со националните интереси.
„Дипломатијата не е само надворешна политика – таа е ликот на државата во очите на светот. Годинава изградивме лик – достоинствен, цврст, и целосно усогласен со нашите интереси. Тоа е лик што секој вистински Македонец со гордост го носи. Дипломатијата не се гради само со договори и состаноци, туку со секој збор, постапка и сојузништво. Токму тука успеавме. Од поданичка позиција, се вративме на патот на самопочит, стабилност и влијание. Денес сме држава што создава, нуди и гради – со почит, визија и интегритет. Со ваков лик, потврдивме дека сме кредибилен и респектиран партнер. А најважно од сè – ја вративме довербата на народот“, рече Муцунски.
Рестарт на дипломатијата и редефинирање на политиката
Министерот откри и детали за состојбата што ја затекнале при доаѓањето на власт. Потсети дека Министерството било во хаос, без ред и со низа злоупотреби.
„Пред една година затекнавме институција без ред и без систем. Закони се прекршувале, унапредувања се правеле спротивно на прописите, а амбасадори се испраќале по пријателска линија и лични интереси. Сите видовме скандали, индиции за криминал и злоупотреби за кои веќе постапуваат институциите. Денес, една година подоцна, уверен сум дека ги поставивме темелите на нова, стабилна и професионална дипломатија. Го вративме професионализмот и го подобривме целиот државен систем во дипломатските процеси“, посочи Муцунски.
Притоа, како клучен чекор го посочи новиот Закон за надворешни работи со кој се зголемил процентот на професионални амбасадори, подобрени се условите за работа на дипломатите, и е воспоставена законска рамка за вклучување на Собранието во меѓународната политика.
„Во втората половина од 2024 и првата половина од 2025, ги поставивме темелите за промените што доаѓаат. Со новите приоритети, постигнавме суштинско редефинирање на надворешната политика – проширена и со надворешната трговија. Со дипломатската мрежа водевме активна, ефективна политика. Се фокусиравме на билатерален дијалог и економска соработка со стратешките партнери, со соседите, со НАТО и ЕУ, и со земји од сите региони“, додаде министерот.
Нови партнерства и НАТО интеграција
Муцунски ја нагласи и интензивната политичка агенда со многубројни средби и посети, како и градење на нови пријателства, вклучувајќи ги договорите за стратешка соработка со Турција и Унгарија.
„Ги продлабочивме односите со традиционалните партнери и изградивме нови пријателства. Договорите со Турција и Унгарија се потврда за динамична соработка“, рече тој.
Министерот потенцираше дека членството во НАТО останува од круцијално значење, споменувајќи ја петгодишнината од приклучувањето и активното учество на Македонија во мисиите КФОР и ЕУФОР Алтеа.
„Годинава одбележавме 5 години од членството во НАТО. Министерството активно ги исполнуваше обврските, ја зајакна соработката и учествуваше во мисиите. Формиравме Совет за координација на НАТО прашања, со кој претседава премиерот. Последно – Самитот во Хаг, каде што беа донесени важни одлуки за иднината на Алијансата“, заврши Муцунски.