Корегирани проекциите за раст на Народната Банка

Народната банка ги корегираше проекциите на власта која потфрли со реализација на капиталните проекти. Слабата реализација на проектите на власта која ја предводеа СДСМ и ДУИ ги влошија проекциите на Народната банка. Македонската економија ќе расте, но побавно од она што е потребно.

Различни проекции на НБРМ и Владата

Корегираните проекции на Народната банка укажуваат на тоа дека годинава Македонија ќе ја заврши со раст од 2,6 отсто. Веќе за наредната година бројките се повеќе оптимистички, односно 3,6 отсто. Да се потсетиме, Владата во заминување имаше различни проекции. Оттаму, годинава сметаа дека ќе бележиме раст од 3,4 отсто, а тоа е за 0,8 отсто различно од она што го презентираше Народната банка и гувернерката.

Во однос на економскиот раст, и натаму се очекува постепено забрзување во следниот период, но малку побавно во однос на октомвриските проекции. Овие оцени ги одразуваат послабите остварувања во 2023 година, како и оцените за малку понеповолно надворешно окружување и одложено влијание на домашните фактори, односно побавно спроведување на градежните активности поврзани со новите инфраструктурни проекти – рече гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

Инфлацијата ќе го задржи трендот на намалување

Следејќи ги светските проекции, инфлацијата ќе го задржи трендот на намалување. Според она што го презентираше гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска до крајот на оваа календарска година ќе имаме стапка од 3,5 отсто, а на среден рок односно во 2025-2026 се очекува да се сведе на историскиот просек од 2 отсто. Сепак, мора да се напомене дека има и ризици, а тие пред се насочени се на геополички план.

Мицкоски најави инвестициски бум во Македонија

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој забележа убедлива победа на изборите претходната недела извесно е дека ќе биде новиот премиер на Македонија. Во неговото прво ТВ гостување тој рече дека ќе има инвестициски бум, веќе е договорена странска инвестиција во секторот на енергетиката.

Кога се е завршено можам да кажам дека веќе е завршена една сериозна странска инвестиција која што е отпочната во делот на енергетиката, без посебни закони, без загарантирана цена на откуп, без повластици, која би се движела од меѓу 400 и 500 милиони евра и која што ќе произведува некаде од прилика околу 1 терават часови електрична енергија годишно, која што ќе се случи во Македонија. И тоа ќе биде објавено во првите 100 дена, рече Мицкоски во интервју на Канал 5 Телевизија.

Закрепнување на економијата на светско ниво

Секако, главен ризик е светскиот пазар и геополитичките случувања. Според проекциите економскиот раст ќе се движи на ниво од 3,2 отсто што е под историските стапки пред пандемискиот период. Според очекувањата би требало да имаме закрепнување на странската побарувачка. Освен тоа, за очекување е и пад на цените на енергенсите и храната.