Македонската кошаркарска репрезентација со полн состав патува на натпревар против Унгарија

Македонската кошаркарска репрезентација утре, рано изутрина, заминува за Шолнок. Таму, на 9 август, ќе го одигра вториот натпревар од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027 година во Катар.

Стартниот пораз не ги поколеба нашите најдобри кошаркари, од кои мнозинството се млади играчи, ниту стручниот штаб што го предводи селекторот Марјан Илиевски.

По натпреварот во Куманово и еден ден одмор, репрезентацијата одржа два тренинга во спортскиот центар „Кале“. Вечерва ќе се одржи и трет тренинг (во 18:30 часот), по што тимот заминува за Унгарија.

Селекторот нема да прави измени. Ќе смета на сите 15 кошаркари кои досега се дел од тренажниот процес. Тие ќе бидат во конкуренција и за натпреварот со Романија на 13 август во Орадеа, кој следи по оној во Шолнок.