Двајца македонски државјани се уапсени во Грција, а потоа и се осудени на затворска казна, откако грчката полиција во петокот при претрес на граничниот премин Дојран кај нив пронашла 599 фалсификувани бланко документи.
Грчката полиција соопшти дека двајцата мажи биле уапсени откако им била извршена проверка при влез во Грција, а кај едниот, во поставата на јакната пронашле скриени вкупно 440 бланко документи (лични карти, возачки дозволи, дозволи за престој) од разни европски земји.
Во багажникот на возилото со кое патувале биле пронајдени уште 159 празни документи.
Грчката новинска агенција АНА-МПА објави дека судот во Кукуш ги прогласил за виновни за фалсификување и здружување со цел економска корист и двајцата заработиле по петгодишни затворски казни.
Според информациите, за време на рочиштето уапсените не откриле детали за нивните активности и се бранеле со молчење.