Шеесет и едногодишен маж, македонски државјанин, вчера бил пронајден мртов во мотел во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина. Телото на мажот, како што соопшти тамошната полиција, било пронајдено вчера попладне во 16:35 часот во мотел на автопатот Урошевац-Приштина.

„На 15.02.2024 година, околу 16:35 часот, добивме информација дека на автопатот Урошевац-Приштина, во мотел во Урошевац, без знаци на живот е пронајден 61-годишен маж, државјанин на Македонија. Неговата смрт е констатирана од страна на лекарски тим“, изјави портпаролот на полицијата за регионот Урошевац, Канун Весели.

По налог на надлежен јавен обвинител, како што соопшти косовската полиција, телото на починатиот е дадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Приштина. Случајот се води како истрага за смртен случај.