Македонски државјанин убиен во Боливија
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека сè уште се чека официјална потврда од боливиските власти за идентитетот на жртвите во тројното убиство во Санта Круз, Боливија, каде според српски медиуми е убиен и македонски државјанин.
Македонската амбасада во Бразил е во контакт со Амбасадата на Боливија во Бразилија и ја следи постапката за завршување на обдукцијата, по што ќе бидат објавени официјални информации за идентитетот и околностите на настанот.
Српските медиуми јавуваат дека меѓу жртвите е 43-годишниот Дејанчо Лазаревски од Струмица, познат под прекарот „Македонец“. Убиени се и Миљан Ѓекиќ (38) од Ниш и трето лице со непотврден идентитет, за кое се претпоставува дека имало фалсификувани документи. Првичните сомневања се дека тројцата биле вмешани во пресметка со локални нарко-картели поврзани со т.н. „балкански картел“.
Телата биле пронајдени во куќа во населбата Петролеро Норте, завиткани во црни најлонски кеси, што укажува на обид да бидат преместени или сокриени. Според „Ел Дебер“, Лазаревски имал бугарско државјанство, а обдукцијата покажала дека едната жртва починала од прострелна рана во глава, а другите две од тешки повреди на глава и трауми со тап предмет, што се поврзува со тортура.
Полицијата уапсила четири лица, меѓу кои и таксист кој превезувал дел од жртвите и осомничените. Запленети се две возила, едно со муниција од 9 мм, и се собрани снимки од надзорни камери. Куќата каде што беа најдени телата е под строг надзор; се истражува дали таму биле држани како заложници или доведени од друго место.
Српски извори за медиумите потврдија дека веста предизвикала вознемиреност во подземјето на Ниш и Струмица, наведувајќи ги прекарите на убиените – „Итри“, „Македонец“ и „Мали Коста“.