Четиричлена македонска група планинари успешно ја завршија експедицијата во Јужна Америка и се искачија на највисокиот планински врв Аконкагва на 6962 метри.
Планинарот Зоран Николов, член на ПСК „Осогово“ од Кочани, заедно со своите колеги Филип Христов, Зоран Успрцов и Лазе Миновски, како и двајца планинари од Република Србија во средата попладне по локално време стигнале на највисоката точка на Андите, на аргентинско-чилеанската граница.\
-Горди сме што експедицијата ја оствари крајната цел и го развиори македонското знаме на највисокиот врв на јужната земјина полутопка. Искачувањето поминало според зацртаниот план, по карпест терен и без многу снег, со минусни температури иако таму е лето, а на врвот ги дочекал убав сончев ден. Тоа што на многу други планинари досега не им успеало и се откажале од искачување, нашите момци го исполнија и им честитаме на успехот, истакна Тошо Антов, претседател на ПСК „Осогово“.
Подготовките за реализирање на експедицијата во Јужна Америка, нашите планинари ги направиле во изминатите неколку месеци на домашни врвови, а поддршка им обезбедија матичните планинарски клубови и локалниот бизнис сектор.
Планинарот Николов минатата година беше дел и од експедицијата која за пет дена се искачи на петте највисоки врвови во Италија, Швајцарија и Словенија.