Фантастични 1.2 милиони евра за метење, џогирање и бришење прозори. Државниот загубар Македонски пошти кој веќе има милионски долгови склучил договор  за одржување хигиена во деловни простории за период од две години и за тоа ќе треба да искешира 73 милиони 160 илјади денари, пренесе ТВ Алфа.

На фирмата „Стед Комерц увоз-извоз“ која го добила тендерот ќе и се плаќаат по 6.8 денари за секој изметен квадратен метар. Речиси 30 денари по квадрат ќе се плаќаат за полугодишно одржување кое вклучува и машинско чистење, а за генерално чистење кое би се спроведувало периодчно и по потреба ќе се плаќаат дури 148 денари по квадрат.

Истиот договор склучен пред две години државниот загубар го чинел двојно помалку или околу 720.000 евра.

Генералната директорка Бујаре Абази на прашањето на Алфа, која е потребата да се склучи ваков договор кога се знае дека Македонски пошти со години се вбројува како државен загубар, вели дека постапката морале три пати да ја поништуваат поради огромните цени кои ги барале фирмите, па овој вреден милион и 200 илјади го склучиле како најсоодветен.

По трета поништена постпапка и променети спецификации го склучивме овој договор како најсоодветен. Цените беа апсолутно ненормални. Компаниите кои можат да опслужат на цела теририторија на Македонија се малку и затоа цените се такви. Некаде ќе се чисти два пати недела, некаде еднаш“, вели директорката Бујаре Абази за Алфа.

Овој државен загубар ги отпушти сите хигиеничарки пред десетина години и оттогаш мора да ангажиора надворешни фирми за одржување на хигиената.

Според последниот ревизорски извештај Македонски пошти ја завршиле 2022-та година со загуба од над 3.7 милиони евра. Во 2021-та загубата била над 2.8 милиони евра.

Пошта не е загубар од вчера. Со години Владата ја субвенционира, меѓутоа се уште работи во минус, објави ТВ Алфа.