-Со чесни исклучоци, немањето интегритет за укажување на неприфатливоста на определени потези, како и незаконитост во постапувањето, интерни пресметки со неистомисленици и нивно шиканирање и деградирање кои што ескалираа во времето на преходниот Министер Димитров и неговите најблиски соработници, за жал сега го земаат данокот и директно ја туркаат македонската дипломатија во амбисот на непрофесионализмот, клиентелизмот и неквалитетот. Како поинаку да се нарече истиснувањето на квалитетните кадри на маргините на МНР и кадровско форсирање по сосема други критериуми него што е стручноста, него како злоупотреба на овластувањата и партиско одработување, велат од МДС.

Посочуваат дека потребно е големо ресетирање за да се врати угледот на дипломатијата.

-Најпрвин треба целосно да се расчисти најголемиот скандал во историјата на македонската дипломатија, а потоа и да се симне стигмата од дипломатската професија. Не се сите дипломати криминалци, напротив. Огромното мнозинство се чесни луѓе кои ги имаат инвестирано своите животи во оваа благородна професија и не е прифатливо бланко фрлање на вина. Само искрен и чесен пристап во расветлувањето на скандалот ќе даде резултат. Македонскиот дипломатски синдикат секогаш, па така и сега, нагласува дека стои на располагање за помош во решавањето на сите тековни прашања во куќата, се наведува во соопштението.