Премиерот во подкастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“ за состојбите во државата
Во вечерашниот подкаст „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати остри критики кон поранешната власт на СДСМ и кон ДУИ, оценувајќи ги како штетни за Македонија. Тој нагласи дека делувањата на овие партии предизвикале длабоки штети кои ќе бидат запаметени и непростени од македонскиот народ.
„СДСМ донесе болка и хаос“
Мицкоски ја обвини поранешната власт на СДСМ за тоа што, според него, оставила длабоки последици врз македонското општество и идентитет.
-
„Тие беа години кога криминалот го диктираше секојдневието – не само во политиката, туку и на улиците. Тие што ја водеа државата се однесуваа со потсмев кон идентитетските теми, како тие да не значат ништо,“ изјави премиерот.
Тој додаде дека грешките на СДСМ сè уште се предмет на јавна критика.
-
„Денес, тие често се соочуваат со непријатни моменти. Граѓаните ги прашуваат зошто донесоа толкава болка на Македонија и зошто ја водеа државата на погрешен начин. Делата на СДСМ ќе останат запаметени со децении,“ нагласи Мицкоски.
„ДУИ претставува радикална опасност“
Во своето обраќање, премиерот упати сериозни критики кон ДУИ, оценувајќи ја како партија на „радикализација и криминализација“ која претставува закана не само за Македонија, туку и за целиот регион.
-
„ДУИ во моментот е опасен радикален елемент. Тие не се свесни дека времињата се променети и нивната застарена стратегија од пред 17-18 години е неприфатлива во денешниот контекст,“ истакна тој.
СЕРИОЗЕН РИЗИК ЗА СТАБИЛНОСТА: ДУИ е на пат на радикализација и криминализација, вели Мицкоски
Случајот со Артан Груби: „Контаминирана структура“
Мицкоски го посочи случајот со Артан Груби, кој, според него, е симбол на корупцијата во редовите на ДУИ.
-
„Ставањето на Груби на листата на санкции на САД, поради криминал и корупција, ја контаминира целата структура на ДУИ. Нашите стратешки партнери гледаат на партијата како на организација која е длабоко вмешана во незаконски активности,“ изјави премиерот.
Демократијата како предуслов
Премиерот беше дециден дека државата ќе мора да реагира доколку ДУИ престане да користи демократски инструменти за водење политика.
-
„Демократијата е клучна. Се додека политиката се води на демократски начин, тоа е прифатливо. Но, во моментот кога некој ќе престане да користи демократски методи, државата ќе мора да преземе мерки,“ заклучи Мицкоски.