Амбасадата на Италија информира дека почнувајќи од денес, 1. март, па сѐ до 31 март, кога се очекува да заврши вонредната состојба во Италија, нема да има повеќе ограничувања за влез во земјата.
Ќе може да се влезе и за туристички патувања, со приложување на Европскиот ковид сертификат, добиен по извршена вакцинација со една од вакцините одобрени од ЕМА. Во оваа насока, амбасадата потсетува дека Италија донираше во Македонија 250.000 дози од вакцината Фајзер, што им овозможува на оние кои сè уште не го сториле тоа да го завршат циклусот, зголемувајќи ја заштитата на населението.
Алтернативно, ќе може да се влезе во Италија и со потврда/сертификат за оздравување или со прикажување негативен молекуларен или антигенски тест (од кој во секој случај се ослободени децата на возраст под 6 години). Конечно, Италијанската амбасада известува дека при влез во земјата задолжително треба да се приложи и дигиталниот формулар за лоцирање на патници (PLF – Passenger Location Form).