Тензиите на релација Македонија и Бугарија не се доволни за Министерството за надворешни работи да најде за сходно соодветно да реагира, користејќи барем некој механизам од лепезата на дипломатски чекори. Не испрати протестна нота, ниту пак засега планира да го повлече нашиот амбасадор од Софија во Скопје. Карактеристично за МНР, со благи тонови, македонската дипломатија само констатираше – последните активности на официјална Софија, не биле во сгласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи.

Иако повикувањето на амбасадор на консултација во матичната држава е право на земјата испраќач и редовна дипломатска пракса, Министерството за надворешни работи изразува жалење за ваквиот чекор кој смета дека е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален. Македонија покажа силен демократски и институционален капацитет и низ брза и ефикасна постапка го стави последниот инцидент низ правосудните процеси, откривајќи ги и приведувајќи сторител на кривичното дело, против кого активно се водат истражни дејствија.

Заладените односи помеѓу Бугарија и Македонија денеска главна тема и на Седницата за пратенички прашања. Шефот на дипломатијата порача само да сме продолжеле ладнокрвно и внимателно, наместо да се качиме на вагонот на емоциите.

Последните активности на Софија не се во согласност со договорената практика за подобрување на односите, туку се потклекнување на провокациите. Повикувањето на амбасадор во матичната држава можеби е вообичаена пракса, МНР изразува жалење за ваквиот чекор кој сметаме дека е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален, кажа Османи.

Од Владата за сега нема официјален став во врска со последните случувања – како ќе постапат по повлекувањето на амбасадорот Ангел Ангелов и дали сметаат дека се издржани обвинувањата дека Македонија не ги исполнила обврските од францускиот предлог.

По двочасовно реферирање во бугарскиот парламент, министерот за надворешни работи вчера го најави ова под превезот на казнена мерка. Сепак работите стојат поинаку – амбасадорот Ангелов секако требало да си оди од земјава затоа што веќе му биле изминати 4 години од неговиот мандат во Македонија.