Македонската машка кадетска ракометна репрезентација ја забележа и втората победа во групата 1 од разигрувањето за пласман од 9. до 16. место на Европското првенство во Белград. Избраниците на селекторот Горан Кузмановски попладнево ја совладаа Турција со 29-27.

Македонските ракометари резервирано го започнаа натпреварот, што Турците го искористија за да поведат со 8-5. Сепак, следуваше серија од 6-2 за Македонија, која за првпат дојде во водство со 11-10.

До крајот на првото полувреме продолжија осцилациите во играта на македонската селекција, па Турција на паузата замина со предност од 15-13.

Второто полувреме започна со по еден гол на двете страни, по што македонските кадети влегоа во посакуваниот ритам. Со серија голови успеаја да ја преземат контролата и да стигнат до највисока предност од шест гола, 26-20.

Бобан Поповски беше најефикасен во македонскиот состав со девет голови, додека голманот Ѓорги Николовски запиша 14 интервенции.

Со победата над Турција, по вчерашниот триумф над Италија, Македонија останува со максимален ефект во групата 1. Нашите ракометари продолжуваат да се борат за пласман до 12. место на Европското првенство, кое носи и пласман на следниот континентален собир.