Македонските организации во Бугарија денеска свечено го одбележаа роденденот на Никола Вапцаров, Македонецот исполнет со голема љубов кон својата татковина Македонија, што создавал и работел за нејзината иднина.
Цвеќе беше положено пред споменикот во неговиот роден град Банско, при што пред присутните се обрати претседателот на ОМО Илинден – Стојко Стојков.
Тој ги рецитираше песните на Вапцаров за неговата татковина Македонија, зборуваше за неговото дело, неговата борба и за неговата смрт. Стојков посочи дека Вапцаров без сомнение е најистакнатиот претставник на македонското малцинство во Бугарија, кој придонел за развојот на нејзината поезија, како и жив доказ дека Македонците во Бугарија не се непријатели, туку напротив, тие придонеле и придонесуваат и за развојот на Бугарија.
– Неговата македонска припадност се крие и одекнува, исто како што лаже за тоа дека наводно нема македонско малцинство во Бугарија – ако ја признаат вистината за него, ќе мора да ја признаат вистината за нас – имало македонско малцинство во Бугарија и ниту Коминтерна има врска со овој факт, ниту пак некогаш се случила „насилна македонизација“. Македонците придонесоа за државата во која живеат и покрај тоа што беа изложени на дискриминација и денационализација – се вели во соопштението на ОМО „Илинден“ – Пирин.
Прославата продолжи во селото Бања, каде беше претставена книга во издание на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград со текстовите на Вапцаров посветени на Македонија и сеќавањата на неговите современици. Присутните разговараа за многу прашања и активности поврзани со македонските организации, како и за потребата од отворање на повеќе македонски клубови.