На празничната прослава на Коледе во Лерин дошло до несогласувања меѓу македонската заедница и општинските власти, откако настап на музичкиот бенд „Ендопика“ бил прекинат при обид да се изведе македонска народна песна, по интервенција на градоначалникот Василеос Гианакис.

Според сведоштвата на присутни граѓани, на манифестацијата биле изведувани повеќе традиционални и современи музички композиции, но кога бендот започнал со македонската народна песна „Софка на татко“, градоначалникот реагирал и побарал изведбата веднаш да биде прекината. На музичарите им било укажано да не продолжуваат со пеење на македонски јазик и, доколку сакаат да ја изведат композицијата, тоа да го сторат исклучиво во инструментална форма.

Активистот и член на партијата „Виножито“, Павле Васкопулос, во изјава за Телевизија 24 оцени дека инцидентот не е изолиран случај и посочи дека Македонците во Леринско, Костурско и Воденско подолг период се соочуваат со институционален и општествен притисок од грчките власти.

„Станува збор за настан на Општина Лерин (Флорина), по повод познатиот ден на Огновите – 23 декември, како своевидни предпразнични свечености, во празнична атмосфера. Обичајот на Огновите на овој датум е карактеристичен и традиционален за македонските села. Оркестарот ‘Ендопика’ се осмели да изведе македонски песни. Со директна интервенција на градоначалникот беше забрането да се изведе било каква песна на ‘непостоечкиот’ (според умот на ‘Зулу’-властите) јазик. Со оваа забрана градоначалникот си постигна автогол. Дел од присутните јавно го исвиркаа поради одлуката“, вели Васкопулос.

Тој додаде дека ваквите притисоци и дискриминација не се новина, а дека Македонците кои јавно зборувале за своите права често биле етикетирани како „скопски агенти“.

„Сограѓанка од јужна Грција се осмели да запее македонска песна во Лерин – и тоа ѝ беше забрането. Добро е што не ја нарекоа ‘скопски агент’, бидејќи Македонците со години трпат ваква клевета“, вели Васкопулос.

Телевизија 24 побара став и од официјалните претставници на Општина Лерин, но до моментот на објавување на прилогот, од надлежните институции не бил добиен одговор кој би ги потврдил или демантирал изнесените наводи.

Софка на татко