Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европа мора да се подготви за војна доколку сака мир, нарекувајќи го рускиот претседател Владимир Путин противник кој нема да застане во Украина доколку Русија излезе како победник во нејзината двегодишна војна со Киев.
Макрон предизвика контроверзии минатиот месец, откако рече дека не може да ја исклучи можноста за испраќање војници во Украина во иднина, што поттикна многу лидери да се дистанцираат, додека други, особено во источна Европа, ја изразија својата поддршка.
„Ако Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе падне на нула“, рече Макрон во телевизиско интервју наменето главно за домашната публика, откако француските опозициски лидери ги критикуваа неговите коментари како воинствени.
„Ако војната се прошири во Европа, Русија ќе биде виновнико. Но, ако одлучиме да бидеме слаби, ако одлучиме денес да не одговориме, тоа е како веќе да избираме пораз. А, јас не го сакам тоа, додаде тој.
Макрон рече дека Франција никогаш нема да иницира напад врз Русија и дека Париз не е во војна со Москва и покрај фактот што Русија започна агресивни напади против француските интереси во и надвор од Франција.
„Режимот на Кремљ е противнички“, рече тој, одбивајќи да ја нарече Русија непријател. Тој исто така рече дека нуклеарните закани на Путин „не се соодветни“.
Макрон рече дека Украина е во „тешка“ ситуација на теренот и дека е потребна посилна поддршка од сојузниците.
„Мирот не значи капитулација на Украина. Да се сака мир не значи пораз. Да се сака мир не значи да се откажеме од Украина“, рече тој.
Макрон, исто така, рече дека не ја откажал планираната посета на Украина од безбедносни причини. „Тоа го кажа Русија. Не треба да им верувате“, додаде тој.