Кандидатот за претседател на Франција, Емануел Макрон на својот единствен предизборен митинг пред вториот круг на претседателските избори во Марсеј најави дека неговиот „иден премиер ќе биде директно одговорен за еколошкото планирање“, јави дописникот на МИА .
Тој не успеа да го наполни резервираниот простор за митингот. Имаше околу 2.000 до 3.000 луѓе, далеку од 5.000-те на кои се надеваше неговиот изборен тим. Околу трибината имаше активисти донесени со изнајмувани автобуси или возови.
Во говорот, шефот на државата во заминување не криеше дека има намера да и се обрати на левицата.
Сите ќе мора да го земат своето учество во оваа заедничка иднина, што мораме да ја изградиме, рече Макрон.
Ставајќи ја „екологијата во срцето на новата политичка парадигма“, тој најави дека неговиот „следен премиер ќе биде директно одговорен за еколошкото планирање“. „Ова ја покажува важноста што ќе и ја придадеме на оваа борба на векот“, рече Макрон, истакнувајќи дека идниот шеф на владата ќе биде поддржан од двајца силни министри со ресорите: „Територијално еколошко планирање“ и „Планирање на енергијата“.
Политиката што ќе ја водам во следните пет години ќе биде еколошка. Економијата ќе биде еколошка. Нашите животи ќе бидат еколошки, рече тој, потврдувајќи дека „променливиот дел“ на одредени лидери ќе биде „предмет на еколошките цели“. „Големите газди ќе бидат зелени и екоодговорни шефови“, рече Макрон.
Кандидатот за претседател го претстави гласањето на 24 април како огромен „референдум за или против“. „За или против Европската унија; за или против екологијата; за или против нашата младина; за или против нашата Република“, нагласи Макрон на митингот.